Свесноста во функција на личниот развој

Во овој текст сакам да дадам осврт на зголемувањето на свесноста за сопственото постоење, и влијанието коешто го има свесноста за развојот на една личност. Мотивот за овој текст ми произлезе од сознанието дека како човечки битија не сме доволно свесни за поголем дел од работите кои ги правиме во текот на денот а со тоа и во текот на животот. Низ животниот развој, преку процесот на учење, во еден момент сфаќаме дека всушност поседуваме потенцијал за да почнеме СВЕСНО да управуваме со сопствениот живот. Всушност и како човечки битија, растеме и созреваме исклучиво преку процесот на откривање на работи за себе и за сопствената реалност.

Според т гешталтистичкиот пристап, свесноста се дефинира како посебна форма на доживување. Доколку свесноста е присутна кај индивидуата во одреден континуитет, може да се дојде до одредено ново сознание, односно знаење кое претходно било надвор од нашата свесност.

Како процес, свесноста е постојано во тек. Тоа е процес кој постојано тече и кој ни е достапен во секој момент. Свесноста е секогаш овде и секогаш е спремна да се појави. Свесноста се однесува на искуството и на самиот процес на личниот развој. Постојат четири аспекти на кои може да биде фокусирана свесноста:

  1. Свесност за сензации и акции
  2. Свесност за чувства
  3. Свесност за желби
  4. Свесност за вредност и оценки.

Ова укажува на тоа дека свесноста се однесува на разбирање на сопствени елементи како што се потреби, желби, навики и слично. Значајно е да се напомене дека свесноста е присутна секогаш ОВДЕ и СЕГА, а исто така таа се менува и еволуира во секој момент. Тоа укажува на динамичката карактеристика на свесноста.

Доколку претходното излагње за СВЕСНОСТА го примениме во личниот развој како непрекинат процес, може да се заклучи дека само преку развивањето на свесноста за начинот на сопственото функционирање како човечки битија можеме да направиме промена која води кон подобрување на личните перформанси. Секоја промена започнува со донесување на јасна ОДЛУКА и понатамошно превземање на свесна АКЦИЈА кон посакуваната промена.

Во литературате се сретнуваат повеќе начини на зголемување на СВЕСНОСТА. Перлс, кој е ко-автор на теоријата на гетшталт терапијата, предлага пет главни прашања кој се концентрирани на сегашниот процес и свесноста за себе си во секој момент и тоа

  • Што правиш во моментов?
  • Што чувствуваш во моментов?
  • Што е тоа што го сакаш во моментов?
  • Што избегнуваш во моментов?
  • Што очекуваш во моментов?

Со одговорот на овие прашања се зголемува  свесноста  за личните  потреби во моментов и начинот на кои можеме да ги задоволиме истите.

Според моето лично искуство  најдобри резултати за зголемување на свесноста и подобрување на личните перформанси се постигнува преку коучинг процесот кој е воден од страна на добро подготвен и обучен коуч кој е спремен да го води и поддржува клиентот во процесот на  зголемување на свесноста за себе и креативното подобрување  на сопствениот живот. Тоа води до зголемување на личната самодоверба,  како и начинот на кои  реагираме во одредени стресни ситуации.

Автор: м-р Дарко Шекеринов

Литература: Clarkson, P (1989) Gestalt Counseling in Action, SAGE Publication Ltd, London.

Личен развој-Гешталт пристап

Во еден од претходните текстови беше опишан личниот развој како континуиран процес кој се одвива во текот на животот. Постојат повеќе теоретски пристапи кои ја обработуваат оваа проблематика, а еден значаен пристап е Гешталт Терапијата. Основач на овој пристап се смета Фритз Перлс,а ко-креатори се Лаура Перлс, Пол Гудман и Ралф Хеферлин кои ги изнеле своите претпоставки во делото Гешталт Терапија: Возбуда и раст на човековата личност во 1951 година. Според овој пристап, секоја личност во својата основа тежи кон себе актуализација.

Во денешно време, овој правец се претставува како вистинска егзистенцијална филозофија односно уметност на живеење при што се согледува односот на човековото битие и околината. Во основа овој правец го поттикнува

  1. автентичниот контакт,

  2. креативното прилагодување на организмот кон средината и

  3. Свесност за навиките кои се повторуваат и одредување на оние навики кои повеќе не ни се потребни и кои можеме да ги промениме.

Накратко кажано, овој пристап не се занимава со анализа или вербализација на случувањата, туку предност се дава на глобалното освестување на начинот на кој што функционираме, процесите кои ги користиме за креативно прилагодување на средината, сегашното искуство, нашите избегнувања и одбранбените механизми (отпори). Со тоа овој пристап дава поттик и охрабрување да се запознаеме самите себе, да се прифатиме себе си во целост, а дури потоа да правиме промена согласно личните потреби. Всушност и самиот пристап придава огромна важност на креативната промена, и поттикнува на експериментирање.

Практично гледано Гешталт Терапијата има холистички пристап и тежнее кон одржување на рамнотежа и добросостојба на целиот организам. Главниот фокус е ставен на развојот на свесност за нашето постоење во сегашноста што е дефинирано како присутност во овде и сега. Тоа значи дека се свесно се вербализираат доживувањата кои ги имаме во сегашниот момент, бидејќи единствено тоа постои. Минатите искуства ги интерпретираме во сегашноста, значи секоја индивидуа им дава значење во согласност со својата перцепција. Иднината, е само нешто кон кое што се стремиме, а индивидуата повторно придава значење во согласност со својата перцепција.

Од претходно изнесеното можеме да заклучиме дека Гешталт Терапијата нуди многу солиден и прифатлив пристап кон личниот развој. Усвојувањето и примената на нејзините основни принципи (присутноста овде и сега, фаворизирање на контактот и дијалогот како единствен процес при којшто се стимулира промената, креативното прилагодување кон средината) придонесува кон започнување на еден сосеме нов животен стил при што се настојува личноста која го практикува овој пристап да започне да ги открива своите лични потенцијали и да почне да ги развива и користи за конечно да постигне целосна исполнетост и дообросостојба.

Коучингот како развоен процес

Во текот на нашиот животен развој често пати се наоѓаме на крстосница, незнаејќи по кој пат да продолжиме. Многу често се одлучуваме и за промена на кариериерата. Овие нови размислувања ги прават работите покомплицирани отколку што се.

Да се биде во можност да се откријат работите за кој индивидуата има пасија е многу тешко, а тоа е поради фактот што како човечки организми сакаме многу нешта. Се надеваме дека кога ќе успееме да го постигнеме врвот на кариерата, нема да сакаме ништо повеќе.Сепак по достигнувањето на оваа цел може да се случи да не го добиеме очекуваниот ефект и евентуално можеме целосно да го загубиме чувството за себе си и своето постоење.

Успехот не е основа за пронаоѓање на сопственото постоење. Советите од нашите пријатели се бескорисни,доколку не ги користиме. Уште повеќе треба да се истакне фактот дека видувањата се еднострани, бидејќи тие не ја познаваат целата ситуација. Единствено ние самите имаме моќ врз себе, затоа што ние целосно и од секој агол го искусуваме сопствениот живот.

Накусо за коучингот како процес

Постојат уверувања при што се поистоветуваат процесот на коучинг и психотерапијата. Меѓутоа спротивно на уверувањата постои огромна разлика помеѓу коучингот и терапијата. Всушност и луѓето кои се занимаваат со коучинг не се задолжително психолози. Тие дејствуваат како радикални катализатори кои предизвикуваат и поттикнуваат на акција. Процесот на коучинг е заедница, поточно синергија помеѓу коучот и клиентот при што заедно го одредуваат правецот по кој ќе се движат во текот на процесот. При тоа се тргнува од претпоставката дека индивидуите ги поседуваат сите одговори на сопствените прашања кои всушност помагаат при решавање на поставениот проблем кои ги спречува да ја постигнат целта. Често пати по краток разговор во една коучинг средба може да се постигне огрпмен прогрес.

Многумина прашуваат дали луѓето кои се занимаваат со коучинг се експерти. Одговорот на ова прашање е ДА, тие се се експерти за своите сопствени животи. Најчесто во процесот на коучинг не се дава директна сугестија за тоа што да правите, затоа што секоја особа е различна; секој има свој начин на живот со сопствени варијации. Секоја особа е авторитет сама за себе и е единствено квалификувана да донесува одлуки и сугестии кои се однесуваат на тоа како да си го подобри својот живот на ментален, емоционален и физички план

Како индивидуи, ние имаме моќ да препознаеме кои наши клучни одлуки имаат влијание во насока на подобрување на личниот или професионалниот живот. Секојдневно сме во позиција да донесуваме многубројни одлуки кои всушност имаат огромно влијание врз нашите животи. Коучинг процесот може да ни помогне да ги пропознаеме овие аспекти од животот, а потоа да не поттикне на акција која што е во согласност со нашите потенцијали, ќе предизвика личен прогрес а со тоа и ќе имаме поисполнет живот.

Коучингот како процес на личен развој многу често се употребува од страна на големите компании, со цел да ја подобрат свесноста и фокусот на своите вработени.

За крај на овој текст ќе напоменам дека животот се состои од многу делови, а секој дел има свој одредени и уникатни карактеристики. Откривањето на секој од овие делови и ефективното справување со нив наметнува истражување на сопствениот внатрешен свет.

Автор: м-р Дарко Шекеринов