Личен развој-Гешталт пристап

Во еден од претходните текстови беше опишан личниот развој како континуиран процес кој се одвива во текот на животот. Постојат повеќе теоретски пристапи кои ја обработуваат оваа проблематика, а еден значаен пристап е Гешталт Терапијата. Основач на овој пристап се смета Фритз Перлс,а ко-креатори се Лаура Перлс, Пол Гудман и Ралф Хеферлин кои ги изнеле своите претпоставки во делото Гешталт Терапија: Возбуда и раст на човековата личност во 1951 година. Според овој пристап, секоја личност во својата основа тежи кон себе актуализација.

Во денешно време, овој правец се претставува како вистинска егзистенцијална филозофија односно уметност на живеење при што се согледува односот на човековото битие и околината. Во основа овој правец го поттикнува

  1. автентичниот контакт,

  2. креативното прилагодување на организмот кон средината и

  3. Свесност за навиките кои се повторуваат и одредување на оние навики кои повеќе не ни се потребни и кои можеме да ги промениме.

Накратко кажано, овој пристап не се занимава со анализа или вербализација на случувањата, туку предност се дава на глобалното освестување на начинот на кој што функционираме, процесите кои ги користиме за креативно прилагодување на средината, сегашното искуство, нашите избегнувања и одбранбените механизми (отпори). Со тоа овој пристап дава поттик и охрабрување да се запознаеме самите себе, да се прифатиме себе си во целост, а дури потоа да правиме промена согласно личните потреби. Всушност и самиот пристап придава огромна важност на креативната промена, и поттикнува на експериментирање.

Практично гледано Гешталт Терапијата има холистички пристап и тежнее кон одржување на рамнотежа и добросостојба на целиот организам. Главниот фокус е ставен на развојот на свесност за нашето постоење во сегашноста што е дефинирано како присутност во овде и сега. Тоа значи дека се свесно се вербализираат доживувањата кои ги имаме во сегашниот момент, бидејќи единствено тоа постои. Минатите искуства ги интерпретираме во сегашноста, значи секоја индивидуа им дава значење во согласност со својата перцепција. Иднината, е само нешто кон кое што се стремиме, а индивидуата повторно придава значење во согласност со својата перцепција.

Од претходно изнесеното можеме да заклучиме дека Гешталт Терапијата нуди многу солиден и прифатлив пристап кон личниот развој. Усвојувањето и примената на нејзините основни принципи (присутноста овде и сега, фаворизирање на контактот и дијалогот како единствен процес при којшто се стимулира промената, креативното прилагодување кон средината) придонесува кон започнување на еден сосеме нов животен стил при што се настојува личноста која го практикува овој пристап да започне да ги открива своите лични потенцијали и да почне да ги развива и користи за конечно да постигне целосна исполнетост и дообросостојба.