Коучингот како метод на личен развој се појавува во последниве 30 години и покажува екстеремно задоволителни резултати на светско ниво. Различни автори имаат различна дефиниција за коучингот како развоен процес. Коучингот е регулиран од страна на Интернационалната Коучинг Федерација (ICF). Според ICF, “коучингот се дефинира како партнерство со клиентите во мисловниот и креативниот процес што ги инспирира да го максимизираат својот личен и професионален потенцијал”. Според оваа дефиниција коучингот може да се разгледува од два аспекта, 1) како професионално партнерство помеѓу коуч и клиент и 2) како креативен процес кои го инспирира клиентот да го искористи својот потенцијал.
Според Википедија, “коучингот е е форма на развој во која индивидуата која уште се нарекува коуч го поддржува клиентот во процесот на постигнување на одредени специфични цели преку обезбедување на обука или пак преку водство”. Истиот извор наведува дека “коучингот е пракса на водење на индивидуата низ одреден процес”
Ако ги земеме предвид двете претходно дефиниции можеме да заклучиме дека коучот е индивидуа која располага со алатки, техники, фокус, интенција и знаење за да може да навлезе во верувањата, вредностите, потребите и целите на клиентот. Потоа тој треба да е способен да креира план на акција и стратегија за успех и да го води клиентот кон постигнување на дефинираните цели и резултати.
За да успее во својата намера, лицето кое го води процесот – коуч креира релација на меѓусебна доверба и почитување и може да понуди поширока перспектива, поради емоционалната дистанца која што ја нуди професионалната релација.
Постојат повеќе коучинг модели, а секој коуч има уникатен пристап кон работата со своите клиенти. Заедничко за сите модели е тоа што сите се ориентерани кон постигнување на одредена цел, која што ја носи клиентот, а потоа заеднички, во ко-креација со коучот, се прецизира и се креира план на активноти кои треба да се превземат за да се реализира поставената цел. Кога станува збор за целта, таа може да биде краткорочна, среднорочна или долгорочна цел, па во зависност од потребите на клиентот се дефинира бројот и начинот на изведување на средби.
Коучинг средбите можат да се изведуваат индивидуално или во група. И двата пристапа имаат свои предности и недостатоци, но моето лично практично искуство во изминатите години покажува дека подобар резултат се постигнува во индивидуалниот коучинг со оглед на тоа што целото внимание е насочено кон еден клиент и се работи на точно дефинирана потреба на клиентот. Согласно моето, практично искуство, можам да напоменам дека во текот на индивидуалната средба преку целно ориентиран дијалог се работи на зголемување на свесноста за сопственато присуство во ОВДЕ И СЕГА, дефинирање и прецизирање на личните ПОТРЕБИ и ЦЕЛИ како и превземање на ОДГОВОРНОСТ за постигнувањето на целите и воедно, сопствениот начин на егзистенција.
Автор: м-р Дарко Шекеринов