Свесноста во функција на личниот развој

Во овој текст сакам да дадам осврт на зголемувањето на свесноста за сопственото постоење, и влијанието коешто го има свесноста за развојот на една личност. Мотивот за овој текст ми произлезе од сознанието дека како човечки битија не сме доволно свесни за поголем дел од работите кои ги правиме во текот на денот а со тоа и во текот на животот. Низ животниот развој, преку процесот на учење, во еден момент сфаќаме дека всушност поседуваме потенцијал за да почнеме СВЕСНО да управуваме со сопствениот живот. Всушност и како човечки битија, растеме и созреваме исклучиво преку процесот на откривање на работи за себе и за сопствената реалност.

Според т гешталтистичкиот пристап, свесноста се дефинира како посебна форма на доживување. Доколку свесноста е присутна кај индивидуата во одреден континуитет, може да се дојде до одредено ново сознание, односно знаење кое претходно било надвор од нашата свесност.

Како процес, свесноста е постојано во тек. Тоа е процес кој постојано тече и кој ни е достапен во секој момент. Свесноста е секогаш овде и секогаш е спремна да се појави. Свесноста се однесува на искуството и на самиот процес на личниот развој. Постојат четири аспекти на кои може да биде фокусирана свесноста:

  1. Свесност за сензации и акции
  2. Свесност за чувства
  3. Свесност за желби
  4. Свесност за вредност и оценки.

Ова укажува на тоа дека свесноста се однесува на разбирање на сопствени елементи како што се потреби, желби, навики и слично. Значајно е да се напомене дека свесноста е присутна секогаш ОВДЕ и СЕГА, а исто така таа се менува и еволуира во секој момент. Тоа укажува на динамичката карактеристика на свесноста.

Доколку претходното излагње за СВЕСНОСТА го примениме во личниот развој како непрекинат процес, може да се заклучи дека само преку развивањето на свесноста за начинот на сопственото функционирање како човечки битија можеме да направиме промена која води кон подобрување на личните перформанси. Секоја промена започнува со донесување на јасна ОДЛУКА и понатамошно превземање на свесна АКЦИЈА кон посакуваната промена.

Во литературате се сретнуваат повеќе начини на зголемување на СВЕСНОСТА. Перлс, кој е ко-автор на теоријата на гетшталт терапијата, предлага пет главни прашања кој се концентрирани на сегашниот процес и свесноста за себе си во секој момент и тоа

  • Што правиш во моментов?
  • Што чувствуваш во моментов?
  • Што е тоа што го сакаш во моментов?
  • Што избегнуваш во моментов?
  • Што очекуваш во моментов?

Со одговорот на овие прашања се зголемува  свесноста  за личните  потреби во моментов и начинот на кои можеме да ги задоволиме истите.

Според моето лично искуство  најдобри резултати за зголемување на свесноста и подобрување на личните перформанси се постигнува преку коучинг процесот кој е воден од страна на добро подготвен и обучен коуч кој е спремен да го води и поддржува клиентот во процесот на  зголемување на свесноста за себе и креативното подобрување  на сопствениот живот. Тоа води до зголемување на личната самодоверба,  како и начинот на кои  реагираме во одредени стресни ситуации.

Автор: м-р Дарко Шекеринов

Литература: Clarkson, P (1989) Gestalt Counseling in Action, SAGE Publication Ltd, London.